ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ПОЈАВА И ШИРЕЊЕ НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ И УЧИЛИШТАТА
2026-11-07 18:42:321. Проверка на вакциналниот статус
- Да се изврши проверка на вакциналниот статус на сите деца и вработени во установата, со посебен акцент на примени дози МРП вакцина.
- Да се идентификуваат децата кои немаат примено МРП вакцина, имаат примено само една доза или немаат достапна документација за вакцинација.
- Родителите на децата со пропуштени дози да се известат и упатат до надлежниот вакцинален пункт за проверка и дополнување на вакцинацијата согласно Календарот за имунизација.
- Да се поттикнат и вработените да го проверат својот вакцинален статус.
2. Следење на здравствената состојба на децата
- При приемот и во текот на престојот во установата да се обрне внимание на појава на следните симптоми: покачена температура, кашлица, течење на носот, црвенило на очите и осип.
- Доколку се забележат деца со овие симптоми да се повика веднаш родителот
- Се препорачува децата со респираторни симптоми, покачена температура или осип или други кои упатуваат на мали сипаници да не посетуваат градинка/ настава.
-Доколку се појават симптоми во текот на престојот, веднаш да се издвојат од другите деца.
- Родителите веднаш да се контактираат и да се советуваат телефонски да го известат матичниот лекар/педијатар пред да побараат здравствена услуга.
- Вработените со слични симптоми да не доаѓаат на работа и да побараат медицинска проценка.
3. Навремено известување
- При сомневање за мали сипаници кај дете или вработен, веднаш да се извести надлежниот Центар за јавно здравје.Лицето да се изолира во посебна просторија и да се стави заштитна маска
- Установата да соработува со епидемиолошката служба и да ги достави потребните податоци за детето/вработениот, групата или одделението и периодот на престој во установата и да постапи според доставените препораки.
- Да не се чека лабораториска потврда за известување на надлежниот ЦЈЗ.
4. Одржување на хигиената и проветрување
- Редовно проветрување на просториите во кои престојуваат децата.
- Редовно чистење на просториите, тоалетите, работните површини- клупите, играчките и предметите што често се допираат со соодветни средства.
- Во случај на појава на лице со мали сипаници просторијата и предметите кои биле во контакт со заболеното лице да се применат засилени мерки на дезинфекција (темелно чистење)
- Обезбедување услови за редовно миење на рацете (течен сапун, дезинфекциони средства) и одржување на респираторна хигиена ( хартиени марамчиња и бришачи)
- Избегнување непотребно групирање на деца од различни групи и одделенија, особено во затворени и недоволно проветрени простории.
5. Информирање на родителите
- Родителите да добијат кратка информација за симптомите на малите сипаници и начинот на пренесување, преку свикување на совет на родители и родителски средби за да се споделат препораките од ИЈЗ( во прилог информативен флаер и текст за малите сипаници)
- Да се потенцира важноста на редовната вакцинација со МРП вакцина како најефикасна мерка за заштита од заболувањето.
- Родителите да се повикаат навремено да ја пријават појавата на сомнителни симптоми и да не испраќаат болно дете во установата.
6. Постапување при евентуална појава на случај
- Во случај на лабораториски потврден или епидемиолошки поврзан случај, веднаш да се постапи по препораките на надлежниот ЦЈЗ.
- Во комуникација со надлежниот ЦЈЗ да се направи епидемиолошка проценка и идентификација на изложените деца и вработени.
- Да се провери вакциналниот статус на контактите и да се постапи по препораките на надлежниот ЦЈЗ.
- Привременото отсуство на изложени невакцинирани лица од колективот да се одредува исклучиво по епидемиолошка проценка и препорака на надлежната здравствена служба.
Овие мерки се од превентивен карактер и имаат за цел навремено препознавање и спречување на евентуално ширење на малите сипаници во колективите. Во случај на потврда на случај или утврдување епидемиолошка поврзаност, надлежните здравствени институции ќе дадат дополнителни насоки за постапување, согласно епидемиолошката проценка.
Институт за јавно здравје





