Општинско Основно Училиште
Коле Неделковски - Скопје
Вие сте на: Артикл

Патрон на училиштето

2014-11-10 13:05:13



  КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ

 

     Поетска индивидуалност, современа идеја, патриотизам, лирски чувства во духот и стилот на народната песна –тоа се белезите на творештвото на патронот на нашето училиште, македонскиот поет Коле Неделковски.

Коле Неделковски е роден во с. Војница, Велешко 1912 година. Основното училиште го завршува со одличен успех, но поради социјални причини  го напушта школувањето и оди во Скопје за да работи. Во 1933 год. го напушта и Скопје и емигрира во Софија, Бугарија. Таму  ги објавува своите први песни во 1938 година во кога имал 26 години. Така во 1939 година излегува пред јавноста со првата објавена песна „Стојан на Ордановци“ печатена во зборникот „Илинден - 1903“, а во 1940 год. излегува од печат неговата прва стихозбирка „Молскавици“. Стихозбирката  е карактеристична со својата лиричност, длабоки  чувства на тага за онеправданите, мака за неизживеаната младост, носталгија, а е позната и по смелиот чекор кон еден борбен поглед во неговата поезија.

Во втората и последна стихозбирка на Коле Неделковски „Пеш по светот“ објавена 12 дена пред  неговиот трагичен крај, изразено е едно посигурно, посмело и поконкретно борбено чувство. Во овие песни тој гледа на животот  како борба и така себе си се определува како поет со  историски долг кој треба да зачекори со оптимистичен поглед и смели  чекори  во борбата против фашизмот. Најтипична од оваа зборка е песната „Глас од Македонија“ од каде зрачи силната поетова вера во ослободувањето како светол ден за македонскиот народ.

Неговиот трагичен крај во 1941 година ја остава неговата желба за слобода да биде само мечта,  а Коле Неделковски останува запаметен како поет со скромно, но големо творештво значајно за времето кога е создавана македонската литература,  поет кој зборува со сугестивен, непринуден поетски и  човечки  говор.

  

Корисни линкови

eDnevnik e-ucebnici2 BRO-baner Eduinu